ДС: Нов Устав без Бадентер и Балансер, услов за заеднички настап на изборите

Демократскиот сојуз преку соопштение информира дека уште пред повеќе од една година ја напуштиле владеачката коалиција предводена од СДСМ. Како причини за напуштање на коалицијата ги наведуваат неисполнување на коалицискиот договор и погрешните политики на СДСМ, пред сѐ блокадата на измените на Изборниот законик со кој, велат, предлагавме Македонија да биде една изборна единица, противењето на реформи во правосудниот систем, високата криминализација и отсуството на борба против високата корупција, непринципиелната коалиција при реконструкцијата на владата и неводењето сметка за соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници во власта, како и блокадата на евроинтеграциските процеси со прифаќање на преговарачката рамка без поширок граѓански и политички консензуз.

Од партијата на Павле Трајанов ги обелоденија и своите барања и приоритети за соработка и заеднички настап на претстојните парламентарни избори.

-Темелни уставни реформи со донесување на нов Устав (без Бадентер и Балансер), реформи во судскиот систем и реизбор на судиите и обвинителите, изградба на ефикасен систем за борба против корупцијата и формирање Агенција за борба против тешките облици на криминал, вклучување на младите во власта (најмалку 30% во советите на општините и парламентот) и посебни предуслови за отворање на бизнис, реформи на администрацијата (укинување на 50% од министерствата, агенциите, регулаторните тела итн.), намалување на бројот на пратениците на 90, но и Македонија да биде една изборна единица, како круцијален предуслов за демократизација и промена на власта, истакнуваат од ДС.

Се поизвесно е дека партијата на Трајанов ќе влезе во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и ќе настапат заедно на изборите, иако се уште нема официјализирање на соработката.

Додаваат дека остануваат на нивните цврсти партиски определби за полноправно членство во ЕУ, продолжување на реформите во одбраната како членка на НАТО и водење надворешна политика согласно нашите стратешки цели и интереси усогласена со политиките на ЕУ и стратешките партнери, пред сѐ на САД.

Поврзани објави
Total
0
Share