ДКСК: Нема системски надзор во спроведувањето на законите, изразена корупција и во управувањето со државниот имот

Со цел превенција на корупцијата, ДКСК предлага дополнување на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025 со две нови области – „Надзор за спроведување на законите“ и „Имот во државна сопственост“
„Надзор за спроведување на законите“ – ова е една од областите кои Антикорупциската комисија предлага да се вметнат во Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025, поради, како што велат оттаму, системски неуредениот надзор во спроведувањето на законите, кој во пракса доведува до нивно неефикасно спроведување.

Инспекцискиот надзор, посочија антикорупционерите на денешната седница, е најважниот механизам за контрола на спроведувањето на законите, но во некои закони, покрај овој се предвидуваат и други видови надзори, контроли, ревизии и супервизии кои не се јасно и прецизно уредени.

„Истовремено, од суштинско значење е да се зајакнат и кадровските и техничките капацитети на инспекциските служби, зашто во моментов, дури и во оние области каде има по две различни инспекциски служби, на централно и на локално ниво, сепак, во практиката отсуствува суштински и системски инспекцики надзор зашто ниту една од овие служби немаа доволен капацитет“,

истакна членот на ДКСК и координатор при изготвувањето на Стратегијата, Владимир Георгиев.
Според Георгиев, во секторот „Надзор на спроведување на законите“ се утврдени три приоритетни проблеми кои генерираат ризици од корупција во оваа област за чие надминување се предвидени три мерки и 10 активности.

Со цел превенција на корупцијата, која е особено изразена при управувањето и располагањето со имотот во државна сопственост, велат од ДКСК, предложено е во Националната стратегија да се опфати и областа „Имот во државна сопственост“.

„Од исклучително значење е да се воспостави транспарентен систем на користење, управување и располагање со имотот во државна сопственост, а за таа цел, итно мора да се воспостави уредна евиденција на овој имот која ќе биде јавно достапна и која ќе овозможи јавно да се следи секоја промена во имотот на државната сопственост“,

рече членот на ДКСК, Георгиев.
Додаде дека во овој сектор се утврдени два прироитетни проблема кои генерираат ризици од корупција за чие надминување се предвидени две мерки и осум активности.

Инаку, ДКСК ја донесе Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025 на 10 декември 2020 година, а Собранието ја усвои на 18 април 2021 година. Комисијата изготвува годишни извештаи за спроведување на Стратегијата и секоја година до 31 март ги доставува до парламентот.

Поврзани објави

Ексклузивно за Клан Македонија: Др. Пол Вилијамс потврдува дека ја подготвува платформата за меѓуетнички легитимитет за Северна Македонија

Др. Пол Вилијамс, познат како автор на Охридскиот договор од 2001 година, за телевизијата Клан Македонија ексклузивно потврди…
Повеќе
Total
0
Share