Денеска нов протест за случајот со Клиниката за онкологија

Под мотото „Правда за жртвите“ вечер пред Владата нов протест за скандалот на Клиниката за онкологија. Пред половина месец инспектори и обвинители влегоа на Клиниката, одзедоа компјутери, документи и медицинска евиденција на пациентите.

Истовремено пред Владата протест и против измените на Кривичниот законик. Во најавата преку социјалните мрежи, се повикуваат да се приклучат сите студенти, професори и граѓани.

Инаку, првиот протест се одржа на 4 септември, а вториот на 11 истиот месец. Јавното обвинителство пред неколку дена соопшти дека директен пристап до истражната постапка ќе имаат тројца пациенти од Онкологија. Исто така, вчера Собранието донесе одлука за формирање анкетна комисија која ќе ја следи предистражната постапка во Обвинителството. Комисијата ќе брои 13 члена, додека претседател ќе биде од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Обвинителството отвори истрага за случајот, откако во медиумите беа објавени текстови за разработена криминална бизнис мрежа на Клиника за онкологија за препродавање на лекови, односно дека во оваа шема биле вклучени повеќе доктори и медицински персонал на клиниката.

Според пишувањата на дел од медиумите, скапата биолошка терапија за болните од рак се препродавала на црниот пазар, односно според некои неофицијални информации, терапијата се препродавала на Косово. Дел од обвинувањата се и дека наместо имунолошка терапија со цитостатици, болни од рак на Клиниката за онкологија, всушност примале физиолошки раствор.

Ваквите обвинувања предизивикаа гнев во јавноста и оттогаш речиси секојдневно се бараат имиња на одговорните лица и разрешница на овој случај.

Основното јавно обвинителство Скопје, користејќи ги каналите за меѓународна соработка и размена на информации, ќе побара податоци од надлежните органи во Косово и Албанија за пациенти од тие земји кои се лекувале со одредени терапии во С. Македонија, како и за евентуални сознанија за илегална препродажба на лекови за третман на онколошки пациенти во тие земји.

Поврзани објави

Ексклузивно за Клан Македонија: Др. Пол Вилијамс потврдува дека ја подготвува платформата за меѓуетнички легитимитет за Северна Македонија

Др. Пол Вилијамс, познат како автор на Охридскиот договор од 2001 година, за телевизијата Клан Македонија ексклузивно потврди…
Повеќе
Total
0
Share