Грчките острови имаат сериозен проблем со недостиг на лекари: Умираат луѓе кои можеле да се спасат

Идиличните острови во Грција се полни со туристи, но нивниот медицински систем се распаѓа. Смртта на бремена тинејџерка и нејзиното неродено дете се само два од најмалку девет смртни случаи што можеле да се спречат во Грција ова лето поради хроничен недостиг на брза помош и медицински персонал, дури и пред земјата да биде зафатена од невидени пожари.

Некои островски болници немаат ни општи лекари со полно работно време, туку целосно се потпираат на циклусот на краткорочно покривање на смени со персонал од копното кој е привлечен од финансиските стимулации.

Итните служби се во уште полоша состојба. На многу острови на Кикладите и Додеканезите, речиси и да нема ниту една брза помош достапна 24 часа на ден. Овој проблем не е единствен само на островите, во Атина има само околу 50 амбулантни возила, наместо 85 до 90 колку што е потребно.

„Мораме да ја редизајнираме итната помош од нула бидејќи има огромни празнини низ целата земја“, изјави за Политико Георгиос Матиопулос, претседател на Грчката служба за брза помош (ЕКАВ).

Огромното мнозинство здравствени домови на малите острови во Егејското Море се мачат да врзат крај со крај, бидејќи ограничен број лекари мора да бидат на повик секој ден, пренесува Политико.

Но, дури и таму каде што државата одлучува да вработи повеќе, обидите не успеваат бидејќи персоналот одбива да се пресели на островите, каде што трошоците за живот станаа неподносливи поради растот на туризмот. Ова дополнително го оптоварува ЕКАВ.

„Испративме неколку (медицински) спасувачи од останатиот дел од земјата на островите за да ги покријат потребите на сезоната. Нашите колеги поради ова се принудени да го прекинат летниот одмор, но очигледно ова е само импровизирано решение“, рече Матиопулос.

Во јуни, 63-годишна жена на островот Кос почина во задниот дел на пикап додека ја пренесувале во локална болница, откако се повредила а единственото амбулантно возило на островот било зафатено да реагира на друг итен случај.

Потребни се 11 лица за управување со брза помош 24/7. Кос, островот со 40.000 постојани жители, кој во текот на летото е домаќин на повеќе од милион туристи, има три нови амбулантни возила, но само едно може да работи, бидејќи има само 10 болничари, од кои двајца следната година заминуваат во пензија.

Неколку дена по овој инцидент, 19-годишна жена, во осми месец од бременоста, почина во предградијата на Атина додека чекала брза помош повеќе од пет часа и упатувала дваесетина повици до спасувачите. Почина и нејзиното неродено дете.

Оттогаш, откриени се уште најмалку шест случаи на луѓе кои умираат низ целата земја поради недостаток на медицински транспорт. На островот Лезбос 78-годишна жена изгубила свест додека пливала. Брзата помош пристигнала на лице место два часа подоцна, само за да утврдат дека нејзиното срце престанало да чука.

Одговарајќи на зголемените критики по овие смртни случаи што можеле да се спречат, владата распореди пожарникари, воен персонал и возачи на локалните власти за да помогнат во решавањето на недостигот на персонал во туристичките области.

ЕКАВ и лекарите протестираат против одлуката, нарекувајќи ја „ненаучна потрага по брзи решенија“. Тие тврдат дека распоредувањето необучен персонал во итни ситуации може да биде опасно за пациентите на кои им е потребен третман на местото на инцидентот.

Поврзани објави
Total
0
Share