Генералното собрание на ОН го поддржа членството на Палестина, Македонија воздржана

Изјаснувањето на 193-те членки беше светска анкета за тоа кој го поддржува палестинското барање или кој де факто ја признава Палестина како држава, откако САД ставија вето на палестинското барање во Советот за безбедност минатиот месец.

Генералното собрание ја усвои резолуцијата со 143 гласа „за“ и девет „против“, меѓу кои САД и Израел, а воздржани беа 25 земји, меѓу кои и Македонија.

Деветте членки што гласаа против се Аргентина, Чешка, Унгарија, Израел, Микронезија, САД, Папуа Нова Гвинеја, Науру и Палау.

Меѓу воздржаните беа Македонија, Хрватска, Албанија, Италија, Бугарија, Велика Британија, Австрија, Финска, Германија, Летонија, Литванија, Холандија, Романија, Шведска, Швајцарија, Украина…

Резолуцијата не им дава автоматски на Палестинците полноправно членство во ОН, туку само утврдува дека ги исполнуваат условите за приклучување.

„Сакаме мир, сакаме слобода“, рече палестинскиот амбасадор во ОН Ријад Мансур пред гласањето. „Гласот ‘за’ е глас за постоењето на Палестина, тоа не е глас против ниту една држава… тоа е инвестиција во мирот“, додаде амбасадорот, што беше проследено со аплауз.

Мансур, исто така, го обвини израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека ја искористил претстојната инвазија на палестинскиот град Рафа во јужниот дел на Појасот Газа за „да го обезбеди својот политички опстанок“.

„Стојам пред вас додека премиерот на Израел се подготвува да убие уште илјадници за да си обезбеди политички опстанок. Тој отворено го прогласува палестинскиот народ за егзистенцијална закана и заедно со неговите заговорници продолжуваат, 76 години по Накба, да се обидуваат да ја завршат работата“, рече Мансур, алудирајќи на основањето на Израел, кое Палестинците го нарекуваат Накба, што на арапски значи катастрофа.

Според Повелбата на ОН, членството е отворено за сите „мирољубиви држави“ што ги прифаќаат обврските од тој документ и се способни и подготвени да ги спроведат.

Поврзани објави
Total
0
Share