Гаши ја свика првата координација

Собранискиот спикер Африм Гаши за денеска ја закажа првата официјална координација на пратеничките групи.

На неа, како што информираат собраниските служби ќе се договара динамиката на формирање на собраниските комисии имајќи ја предвид намерата на новата власт веднаш да го смени Законот со кој ќе овозможи одредени министерства да се укинат но и да се отворат нови.

Според Гаши овој закон има приоритет за новото мнозинство, но не прецизира дали се обезбедени 80 пратеници имајќи предвид дека овој закон се носи со двотретинско мнозинство.

Тој не крие дека планот на мнозинството е уште пред изборот на Владата да се менува и законот со кој ќе се овозможи одредени градоначалници да станат министри, а при тоа да не се организираат вонредни избори во тие општини.

Претседателката Силјановска Давкова неделава мора да му го додели мандатот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Од моментот кога ќе стане мандатар, Мицкоски ќе има рок од 20 дена да ја состави новата Влада и заедно со нејзината програма да ја достави до Собранието. Владата се избира со апсолутно мнозинство од 61 пратеник.

Поврзани објави
Total
0
Share