Во 2023 биле пријавени 433 деца во судир со законот, а 307 биле осудени

Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) во 2023 година, бројот на пријавени деца во судир со законот е намален за 8,5 проценти во однос на 2022 година, додека пак бројот на осудени деца е зголемен за 17,2 проценти. 

Пријавени се 433 деца, од кои во 287 случаи е поднесен предлог за казна или мерка, за 110 случаи не е поведенa постапка, а за 36 случаи постапката е запрена.

Осудени се 307 деца на возраст од 14 до 18 години. Од нив, 120 деца се осудени за кривични дела против имотот, 70 деца за кривични дела против јавниот ред, 43 деца за кривични дела против животот и телото и 37 деца за кривични дела против безбедноста на јавниот сообраќај.

На деца од 14 до 16 години се изречени 100 мерки. Од тие 100 мерки, 67 за засилен надзор, 29 дисциплински мерки и четири заводски мерки. На деца од 16 до 18 години се изречени 211 мерки, од кои четири затворски и 207 воспитни мерки, 120 за засилен надзор, 79 дисциплински постапки и четири заводски мерки.

Според ДЗС, бројот на пријавените полнолетни лица во 2023 година, во споредба со 2022 година, е намален за 6,9 проценти. Во наведениот период, бројот на осудените полнолетни лица е намален за 16 проценти, а бројот на обвинетите лица е намален за 15,8 проценти.

Од вкупно 11.574 пријавени полнолетни лица во 2023 година најмногу се за кривични дела против имотот (3.040) и против безбедноста на јавниот сообраќај (2.476).

Регистрирани се 973 кривични пријави за дела против животот и телото, 690 против слободите и правата на човекот и граѓанинот, 675 против бракот и семејството, 349 против јавните финансии и платниот промет и 82 за кривични дела против половата слобода и половиот морал.

Поврзани објави
Total
0
Share