Во дваесет земји членки на Европската унија денеска се гласа на избори за места во Европскиот парламент

Најголем број европратеници или 96 се избираат во Германија, по што следува Франција со 81, Италија со 76, Шпанија со 61, Полска со 53, Романија со 33, Холандија со 31, Белгија со 22, Грција, Португалија, Унгарија, Чешка и Шведска со по 21, Австрија со 20, Бугарија со 17, Данска, Словачка и Финска со по 15, Ирска со 14, Хрватска со 12, Литванија со 11, Летонија и Словенија со по девет, Естонија со седум и Кипар, Луксембург и Малта со по шест членови во Европскиот парламент.  

Според последните анкети на јавното мислење и излезните анкети од земјите каде гласањето заврши, се очекува десно центристичката  Европска народна партија (ЕПП), да освои меѓу 173 и 181 мандати, пред лево центристичката Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите (СД) со од 138 до 143 места и либералниот блок „Да ја обновиме Европа“ на кој му се предвидува да освои меѓу 75 и 85 европратеници. Рамо до рамо со либералите е националистичка и десничарска групација Европски конзервативци и реформисти (ЕРЦ), која се очекува да освои од 76 до 82 мандати, пред екстремно десничарската група Идентитет и демократија (ИД) со меѓу 67 и 69 пратеници, блокот на Зелените и Европска слободна алијанса (ЕФА) кој би требало да освои меѓу 41 и 58 европратеници и Левицата со од 32 до 42 места.  

Првите официјални резултати од Министерството за внатрешни работи на Грција, кое е и надлежно за пребројувањето на гласовите, се очекува да бидат соопштени околу 21 часот по локално време, кога ќе се знае и колку партии го поминале изборниот праг од три отсто и обезбедиле место во Европскиот Парламент.

Во Хрватска пак, денеска се гласа по четврти пат на европски избори. Право на глас имаат околу 3.7 милиони гласачи кои ќе одберат 12 пратеници кои ќе ја претставуваат државата во Европскиот парламент во следните пет години. На овие избори има 25 листи со имиња на 300 кандидати.

Поврзани објави
Total
0
Share