Ангеловска-Бежоска на Регионалниот состанок на гувернери на ЈИЕ: Со соодветна монетарна политика, инфлацијата се сведе на 3%, но потребна е внимателност 

Преземените монетарни мерки, заедно со намалувањето на цените на храната и на енергентите на светските берзи, се факторите коишто влијаеа инфлацијата во нашата земја да се сведе на 3%, што е под просекот на земјите во Југоисточна Европа (ЈИЕ). Сепак, иако ценовните притисоци се намалуваат и инфлацијата е во постојан пад, имајќи предвид дека и натаму постои неизвесност, неоходна е претпазливост и внимателен пристап при водењето на макроекономските политики, посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, говорејќи на тркалезна маса во рамки на Регионалниот состанок на гувернери на централни банки, кој се одржа во Сплит, Хрватска.

Иако инфлаторниот шок е глобален феномен, кој ги погоди сите економии, сепак тој се манифестираше со различен интензитет во различни економии. И во самата ЕУ имаше голема разлика при што просечната инфлација во 2022 година се движеше од 5,9% во Франција, до 19,4% во Естонија. Кај нас просечната инфлација изнесуваше 14,2% и беше над просекот од земјите во ЈИE (11,7%). Притоа и инфлацискиот диференцијал во однос на ЕУ се зголеми како одраз на повеќе фактори, вклучително и повисокo учество на храната и енергијата во потрошувачката кошничка, големата увозна зависност и енергетската неефикасност (трошиме три пати повеќе енергија за производство на единица БДП), видот и интензитот на мерките, како и растот на профитабилноста на корпоративниот сектор на што упатува и анализата на Светска банка.

Поврзани објави
Total
0
Share