Аналитичарите за  КЛАН Дебата:Без гласовите на албанците, претседател не може да се избере

Јавен повик за поддршка или тивок бојкот во вториот круг од претседателските избори? Анализирајќи ги изборните резултати, аналитичарите во вечерашната КЛАН  Дебата со Љубиша Николовски констатираа  дека без гласовите на албанците, тешко дека ќе може да се постигне цензус од 40% , што е услов за избор на претседател на државата.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски тврди дека доколку албанските партии заедно  поддржеле еден кандидат , сега СДСМ ќе биле тие кои  ќе се мислеле на кого да му дадат поиддршка а не Албанците затоа што  заедно , Европскиот фронт со 125 000 гласови и ВЛЕН со 83 000 гласoви  ќе имале можност  нивниот   кандидат да влезе  во вториот изборен круг.

-,,Ако одите по тезата зошто македонците да гласаат за албанец, зошто пак сега албанците да гласаат за македонец? Се отвори дебата за избор на претседател во Собранието . Партиите на македонците ја отфрлија идејата за избор на претседател во Собранието. Зошто сега албанците во вториот круг да не покажат дека без нивните гласови  не може да се избере претседател?Зошто тие би ја пропуштиле таа прилика? Сметам дека е време , во Македонија да се намали цензусот за избор на претседател бидејќи ние немаме доволно луѓе за гласање и време е да се намали легитимитетот на претседателот бидејќи неговите ингеренции се мали”,рече Арсовски.

  Сефер Селими потсети дека во 2014 година ДУИ била во јавна кампања за бојкотирање на претседателските избори, со што и сега ќе има голема улога дали ќе може да се постигне цензусот од 40%  за избор на претседател .

,,Доколку албанските политички  партии ги повикаат дел од гласачите, тие  може да ги послушаат и да одберат да не учествуваат што би го отежнало премногу постигнувањето на цензусот за избор на претседател. Со оставање на гласачите албанци на маргините да се одлучат меѓу двајцата кандидати кои се избрани претходно без нивна консултација, секако дека тоа ќе има влијание во нивното вклучување во тој изборен процес. Легитимно право би било албанските политички партии да повикаат на бојкот и неучество во процесот на избор на претседател за да може да го наметнат тоа што е поиздржливо и се однесува на реалноста на политичкиот систем. Има индиции дека на некој начин низ тивок процес политичките партии од ВЛЕН повикуваат на поддршка на Силјановска и тоа како да го прават срамежливо затоа што Силјановска не би била достоен претставувач на албанците поради нејзините ставови и изјави,”потенцираше Селими.

Аналитичарот Владимир Божиновски не верува дека ќе се оди на бојкот затоа што изборите биоле привилегија што ја има граѓанинот што треба да се искористи.

,,Во случај ако некоја од партиите повика на бојкот со тоа ќе се предизвика политичка криза. Иако со тоа ќе постигнат партиите на албанците легитимитет во барањето кое го имаат за избор на претседател во Собранието, од друга страна  тоа е повик за политичка криза. Не верувам дека ќе се случи ниту од ДУИ ниту од ВРЕДИ, ниту од СДСМ, затоа што тоа ќе им наштети само на нив. Она што може да се случи е што дел од  гласачите албанци може да одлучат да не гласаат ниту за Силјановска ниту за Пендаровски но едно е такво негласање а друго е организиран повик за бојкот”, вели Божиносвки.

Според Божиновски,искуството покажало  дека кога имаме два изборни круга,  ако имаме доминатна поддршка за одредена политичка партија во првиот круг, многу лесно може да се случи да се создаде бран, ефект на приклонување кон победникот и тоа да им донесе зголемен број гласачи во вториот изборен круг.

,,Според резултатите од првиот круг на претседателските избори би требало да се очекува дека кај ВМРО ДПМНЕ ќе има максимизирање на гласовите додека кај СДСМ ќе има делумна разочараност. Кај партиите на Албанците, имавме две силни коалиции. ДУИ успеа да излезе како победник но и ВРЕДИ успеа да собере релативно висок број на гласови. Сега имавме околу 205 000 гласови. Она што можам да го очекувам е дека оние гласачи кои гласаа во првиот круг ќе излезат и ќе гласаат во вториот круг со тоа што можеме да очекуваме максимизирање на гласовите за уште 10 000 до 20 000 гласови што ќе отидат на контото на партиите на Албанците. Прашањето е каде ќе одат гласовите. Според мене поверојатно е да одат кај ДУИ но поради атмосферата и психологијата која сака да ја создаде ВРЕДИ дека тие ќе бидат можен иден владин партнер, можно е дел од тие гласови да отидат и таму. Кај партиите ЗНАМ и Левица очекувам тие две партии да бидат дел од следниот парламент и да имаат свои пратенички групи”,рече Божиновски.

Љуљзим Фаризи пак, е убеден дека во вториот изборен круг ќе се избере претседател.

,,Реално,после првиот круг, веќе се е јасно. Албанските гласови во вториот круг се многу важни за да се постигне цензусот за избор од 40%.Јас мислам дека во вториот круг политичките партии нема да можат да ги контролираат своите гласачи со самиот факт што едниот блок, ВРЕДИ е коалиција на етнички албанци а Европскиот фронт кој покрај албанци има и други етнички заедници. ДУИ мене ме чуди. Ме чуди нападот на Европскиот фронт кон ВРЕДИ дека ВМРО ДПМНЕ е проруска партија. ДУИ не верувам дека ќе оди на бојкот затоа што најголем непријател на демократијата е бојкотот. Јас верувам дека во вториот круг ќе се постигне цензусот, ќе имаме претседател на државата”,потенцира Фаризи  во вечерашната КЛАН Дебата.

Поврзани објави

Ексклузивно за Клан Македонија: Др. Пол Вилијамс потврдува дека ја подготвува платформата за меѓуетнички легитимитет за Северна Македонија

Др. Пол Вилијамс, познат како автор на Охридскиот договор од 2001 година, за телевизијата Клан Македонија ексклузивно потврди…
Повеќе
Total
0
Share