Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека постигнал „многу важен договор за обука на нашите пилоти во Франција“ во вчерашниот разговор со францускиот претседател Емануел Макрон.
„Нашата коалиција на модерни борци станува се посилна“, рече Зеленски во своето видео обраќање.
Украинскиот лидер не појасни за каков вид на обука се работи. Франција ги нема борбените авиони Ф-16 кои неодамна ѝ беа ветени на Украина од Данска и Холандија. Франција ги има воените авиони Рафал од француско производство и авионите Мираж 2000 од претходната генерација.
Зеленски рече дека тој и Макрон разговарале и за тоа што може Франција да направи за да помогне во заштитата на украинскиот град и регион Одеса, клучни за извозот на жито, но не наведе детали.
Француското Министерство за надворешни работи минатиот месец соопшти дека ќе ја засили својата воена поддршка за Украина, особено во зајакнувањето на капацитетите за воздушна одбрана.