Грчката полиција го блокира просторот околу супермаркетот во Пиреја каде вчера вечер се случи престрелка во која едно лице загина, а друго е тешко рането.
Кога одекна првиот истрел, муштериите и вработените почнале панично да бегаат.
“Слушнавме два истрели. Видовме вработени како трчаат и викаат полиција. Клиентите трчаа во паника. Бевме преплашени, мислевме дека се работи за терористички напад”, изјавиле очевидци.
Се утврдило дека се работи за пресметка на тројца државјани на Турција.
Првите резултати од истрагата покажуваат дека двајца мажи влегле во супермаркетот и се упатиле кон делот за овошје и зеленчук. По нив, трет маж влегол во продавницата, извадил пиштол и почнал да пука.
Еден од нападнатите се обидел и самиот да извади пиштол, но истрелот го погодил и починал на лице место. Другиот е тешко ранет и пренесен во болница.
Полицијата го привела осомничениот за пукањето, а мотивот за злосторството засега не е познат.