Во Словенија пронајдена шестата жртва од невремето

Бројот на загинати во катастрофалните поплави што ја погодија Словенија денеска се зголеми на шест, откако беа пронајдени телата на маж кој работеше на поправка на штетите од поплавите и уште едно тело пронајдено во надојдената река Теменица, пренесува СТА.

Во текот на претходната ноќ, пожарникарите интервенирале за отстранување на последиците од поплавите во 57 случаи.

Порталот 24.ur наведува дека некои области се уште се поплавени, многу патишта се уште се затворени, а надлежните служби предупредуваат дека со повлекување на водата, ризикот од одрони на тие места ќе се зголемува.

Во некои населени места веќе се појавија свлечишта, најмногу во долината Корушка и Савињска, а Геолошкиот завод на Словенија го предупреди населението од загрозените подрачја да внимава на новите пукнатини на патиштата и појавата на нови одрони.

Во отстранувањето на последиците од поплавите помага и армијата, а словенечката Електропривреда успеа да воспостави снабдување со електрична енергија во целиот дел на Черна, во Жерјаво и Јазбина, додека населбите Бистра, Копривна и Топла се уште немаат струја.

Поврзани објави
Total
0
Share