Вештачката интелигенција (ВИ) го револуционизира начинот на кој луѓето учат странски јазици. Преку апликации како „Дуолинго“ и „Бабел“, учењето станува попристапно, ефикасно и пријатно. Со помош на овие персонализирани програми, кои се прилагодуваат на нашиот ритам, ниво на знаење и интереси, секој може да изучува некој од странските јазици преку своите електронски уреди. Но, иако практичен, овој начин на учење има свои недостатоци, како што се отсуството на човечка интеракција и ограничени комуникациски вештини.
Министерството за образование и наука смета дека примената на нови технологии во сферата на образованието е процес што е незапирлив и позитивен, при што од клучно значење е да се обезбеди одговорно користење на вештачката интелигенција, пред сè од етички аспект.
– Ова е процес со бројни предизвици и наша цел не е да го забавиме технолошкиот напредок во образованието туку да ги сведеме на минимум потенцијалните опасности. Затоа што, сегашните ученици ќе се вклучат на пазарот на труд во време кога примената на вештачката интелигенција нема да се смета како нова технологија туку ќе биде вклучена во сите сфери на живеењето и работата, и за тоа треба да бидат подготвени, посочуваат од МОН.
Оттаму велат дека нивните политики ќе бидат усогласени со најновите текови на европската легислатива во сферата на образованието, а во соработка со меѓународните партнерски институции и организации ќе го адресираат прашањето за одговорна, критичка и креативна употреба на вештачката интелигенција во образованието.
Професорката Анета Наумоска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје изјави дека долгорочно гледано треба да се направи добро разработен план за тоа како ВИ да се вклучи активно во наставата бидејќи реалноста е таква што ВИ нема да се изгуби.
Треба синхронизирано и плански да се вклучи ВИ во наставата. Сега за сега сме на зачетокот на користење на ВИ во образовниот процес, но ни претстои уште долг пат за да биде имплементирана, вели таа, дополнувајќи дека е најважно да не сопираме, туку постојано да сме во тек.
Во однос на интересот за студирање на странски јазици на факултетот, таа вели дека намалениот интерес не се должи на експанзијата на вештачката интелигенција (ВИ), туку на фактот што студентите не се гледаат во функција на наставник или преведувач во иднина, тоа што го владеат англискиот јазик доволно да не го чувствуваат како предизвик за изучување и причината што на ФЛФ, не се изучува само јазикот туку и културолошките елементи на народите/земјите каде се говори тој јазик, книжевноста и историјата на јазикот.