Судскиот процес против тројцата лекари од струшката Болница, гинекологот Мухамед Асани, неговиот син доктор Блертон Асани и доктор Лилјана Јованоска, обвинети за отстранувањето на три органи на родилката од Дебар Јилдз Веапоска ќе продолжи со супер вештачење, беше одлучено на денешното рочиште во Основниот суд во Струга.Таквата одлука на судијата Јордан Јованов дојде поради неусогласување на вештачењата на вешти лица од Судска медицина побарано од Јавниот обвинител и на техничкиот советник на барање на обвинетите. Според вештачењето на тројцата вештаци од Институтот за судска медицина влошувањето на состојбата на Веапоска дошло поради погрешни постапки од здравствените работници, додека вештачењето на техничкиот советник професор доктор Драге Дабески покажува дека обвинетите лекари не направиле пропуст при лекувањето на родилката, туку со дејствувањето и бил спасен животот.Супер вештачењето треба да го прави судско медицински одбор при Медицинскиот факултет од Скопје. Тоа, според директорот на Институтот за судска медицина професор доктор Александар Станков, треба да го направат три вешти лица.Нашето вештачење е јасно, концизно, лоцирани се сите проблеми заради кои е дојдено до состојбата кај оштетената Веапоска и заради што и се извадени органите. Според нашето вештачење, влошувањето на здравствената состојба е настанато исклучиво поради делувањето на здравствениот тим во Болницата во Струга, изјави Станков.
За адвокатот на оштетената Сашо Јанев постои само едно вештачење, а тоа е вештачењето на Судска медицина.Јас сум убеден дека ова вештачење ќе опстои бидејќи нема друга вистина. Но судот нема избор кога постојат две спротивставени вештачења, иако според мене нема спротивставеност тука. Судско медицинскиот одбор при Медицинскиот факултет е составен од 19 лекари од различни профили. Верувам дека тие луѓе солидно и квалитетно ќе си ја извршат својата работа и не се сомневам во квалитетот на супер вештачењето. Јас сум убеден, ја знам вистината. Вистината е дека мојот клиент е оштетен поради дејствија на лекарите, а тоа има да се затвори со една квалитетна законита пресуда, изјави Јанев.
Судскиот процес со родилката од Дебар Јилдз Веапоска, на која по породувањето со царски рез, во Болницата во Струга и беа отстранети матка, јајник и бубрег трае две години, во кои се променија тројца судии. Оштетената вели дека сето тоа лошо влијае врз неа и нејзиното здравје, но очекува правдата да биде задоволена.Врз мене лошо влијае и физички и психички и едвај чекам да дојде крајот и вистината да излезе. Не само за мене туку за сите жени во Македонија да не молчат и да не запираат кога има лекарски грешки, рече Веапоска.Следното рочиште, кога се очекува да бидат готови извештаите од супер вештачењето е закажано за 3 јуни годинава.