Словенија официјално ја призна Палестина

Словенија стана уште една членка на Европската Унија која ја призна независноста на палестинската држава откако парламентот ја изгласа одлуката со големо мнозинство, при што беше одбиено барањето на опозицијата да се распише референдум за ова прашање.

Словенечката влада минатата недела донесе одлука за признавање на Палестина, следејќи го примерот на Ирска, Норвешка и Шпанија, како дел од напорите да се притисне Израел да ја заврши војната во Газа.

„Признавањето на Палестина како независна и суверена држава испраќа надеж за палестинскиот народ во Газа и на Западен Брег. Ние Словенците сме го сонувале ова право илјада години и го добивме пред 33 години“, изјави премиерот Роберт Голоб.

Десничарската Словенечка демократска партија (СДС) на бившиот премиер Јанез Јанша бараше да се распише консултативен референдум за признавањето на Палестина, што би го одложило гласањето за уште еден месец, СДС сметаше дека сега не е време за ваков потег, зашто на тој начин би се наградила „терористичката организација Хамас“.

Повеќе од 140 членки на Обединетите нации досега ја имаат признато Палестина како независна држава, а од 27-те членки на ЕУ претходно тоа го имаа направено и Шведска, Кипар, Унгарија, Чешка, Полска, Словачка, Романија и Бугарија.

Поврзани објави
Total
0
Share