СДСМ заедно со партиите од коалицијата иницира манифест за преговорите со ЕУ: Време е за обединување

„СДСМ како државотворна партија е предводник на концептот за европска иднина. Во оваа насока СДСМ, заедно со политичките партии од коалицијата дава силна поддршка на Манифестот на лидерите на политичките партии застапени во Собранието, а во врска со водењето преговори за полноправно членство во ЕУ. Овој Манифест е на линија на политиките на СДСМ, тој е добра основа за градење единство околу иднината на земјата и со него Собранието дефинира рамки на позиции по кои мора да постапуваат сите надлежни институции во преговорите со ЕУ“, велат од СДСМ.

„Затоа, време е за обединување на сите политички лидери, преку потпишување на заеднички Манифест со кој сите заедно ќе се обврзат за ефикасно водење на преговорите за пристапување во ЕУ.

Политиките на СДСМ и коалицијата, за интеграција во НАТО и полноправно членство во ЕУ не се само политики за остварување на врвните стратешки приоритети и национални интереси, тоа се политики за сигурна и стабилна иднина за сите граѓани, економски напредок, развој и европски вредности.

Ние сме чувари на македонскиот идентитет, јазик, култура и традиција, но и на заедништвото меѓу сите наши граѓани, без разлика на етничка, верска или друга припадност.

Токму преку овој Манифест сите лидери на политичките партии се обврзуваат дека ќе настојуваат пристапните преговори да завршат во најкраток можен рок, а притоа целосно заштитувајќи го идентитетот, традицијата, јазикот и општествените вредности на граѓаните“, соопшти СДСМ.

„Визијата за европска држава, рамо до рамо со големите државотворни европски народи е нашата голема идеја и дел од нашето државничко делување во изминатите години.

Процесот за стабилизација и асоцијација стапи на сила 2004 година, во време на СДСМ а го потпишавме како прва земја од регионот.

Во март 2004 та година токму Владата предводена од СДСМ го поднесе барањето за членство во ЕУ а само една година потоа се стекнавме со кандидатски статус.

По цели 17 години во чекалната и загубена деценија со ДПМНЕ, минатата година Владата предводена од СДСМ ги започна преговорите за членство во ЕУ. Се одржа и првата меѓувладина конференција на 19 јули 2022 година во Брисел.

Тоа беше потврда за политиките на СДСМ но и за спроведените реформи, за политичката волја и за визијата за иднината на земјата како европска.

Заклучоците на Собранието кон Информацијата за содржината на предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија беа иницирани и донесени од владејачкото мнозинство предводено од СДСМ.

Сето тоа го постигнавме заедно со демократските сили и граѓаните и заедно со демократските сили и граѓаните ќе го оствариме и членството во ЕУ.

Затоа, во Манифестот е јасно наведено дека политичките партии во Собранието, без разлика од составот на владејачкото мнозинство, се обврзуваат да соработуваат, но и да го водат преговарачкиот процес целосно отворено и транспарентно со цел најшироката јавност да биде во можност да го изрази своето мислење по однос на условите за членство во Европската унија

Исклучително важно за македонскиот народ, започнавме преговори со Унијата со заштитен и признаен македонски јазик и идентитет.

Резолуциите на големите и пријателски држави за признавање и потврда на македонскиот јазик, идентитет и посебност дополнително говори за нашата посветеност и современ патриотизам.

Пред нашата татковина и пред сите нас е историска шанса за продолжување на европскиот пат со глас за Европа во македонското Собрание.

Сега треба да се направи чекор напред, да се донесе одлука за усвојување на уставните измени и побрзо членство во ЕУ.

Затоа, повикуваме на обединување околу европската иднината на земјата, а усвојувањето овој Манифест е добра основа за чекор напред кон такво обединување.

Како што покажавме обединетост и во 2018 година го обезбедивме членството во НАТО, сега повторно да се обединиме и да обезбедиме членство во ЕУ“, се додава во соопштението на СДСМ.

Иницијатори на Манифестот се политичките партии: Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), Демократската Унија за Интеграција, (ДУИ), Алијанса за Албанците (АА), Либерално-демократска партија (ЛДП), Нова социјал-демократска партија (НСДП), Демократска Партија на Албанците (ДПА), Партија за движење на Турците (ТХП), Демократска партија на Турците во Македонија (ТДП), Демократска обнова на Македонија (ДОМ), ВМРО- Народна партија (ВМРО-НП), Партија на пензионерите (ПП), Српска странка во Македонија.

Од СДСМ додаваат дека манифестот останува отворен за широка општествена подршка.

Поврзани објави

Делегација од земјата ќе учествува на регионалната конференција за микрофинансии Microbalkans 2024 во Сараево

Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската Комора на Северна Македонија, заедно со претставници од Министерството за Финансии…
Повеќе
Total
0
Share