САД тврди дека е убиен Марван Иса, еден од лидерите на Хамас

Еден од лидерите на Хамас, Марван Иса загинал во израелски воздушен напад, изјави официјалниот претставник на Белата куќа Џејк Саливан. Како заменик воен командант, Иса ќе биде највисокиот лидер на Хамас што загинал од почетокот на војната на 7 октомври.

Палестинската група, која ја контролира Газа, официјално не ги коментираше извештаите за неговата смрт, пренесува Би-Би-Си.

Изворите на израелските медиуми објавија дека Иса бил убиен во напад на тунел под бегалскиот камп Нусејрат во центарот на Газа минатата недела.

Заменик-командантот на военото крило на Хамас – Изедин ал-Касам, се сметал за еден од најбараните луѓе во Израел. Европската унија, која го стави лидерот на Хамас на својата црна листа на терористи, го поврза директно со нападот на 7 октомври предводен од групата во кој загинаа приближно 1.200 луѓе.

Тој бил затворен од Израел пет години за време на првата палестинска интифада, или востание, и бил приведен од палестинските власти во 1997 година до почетокот на втората интифада во 2000 година.

Израелската војска уби голем број високи лидери на Хамас од 7 октомври. Политичкиот лидер на Хамас, Салех ал-Арури загина во експлозија во јужното предградие на Бејрут, Дахије. Израел нашироко се смета за одговорен за тој напад.

Саливан, советник за национална безбедност на Белата куќа, рече дека се верува дека други лидери на Хамас се кријат, „веројатно длабоко во тунелните на Хамас“ во Газа.

Поврзани објави
Total
0
Share