Франција и САД ја повикуваат новата влада во Северна Македонија да остане фокусирана на патот кон ЕУ и да се придржува до меѓународните обврски, се вели во француско-американскиот патоказ, кој Белата куќа го објави на 8 јуни, по одбележувањето на 80 години од најголемата копнено-воздушно-поморска операција во историјата, Денот Д, за ослободување на Европа од нацистичката окупација.Белата куќа кажа дека Бајден и Макрон се заложиле за Европа – цела, слободна и мирна.
„Тие ја повикуваат новата влада во Северна Македонија да остане фокусирана на патот кон ЕУ и да се придржува до своите меѓународни обврски“.
Освен Северна Македонија, патоказот ги спомнува и другите држави на Западен Балкан, како и Украина, НАТО, Блискиот Исток и други региони.„Франција и САД ја поздравија континуираната блиска соработка за интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија со цел да се зголеми просперитетот и да се зајакне демократското владеење и владеењето на правото. Тие ја поздравуваат можноста за зајакнување на заедничкиот ангажман на Западен Балкан, вклучително и преку соработката меѓу Европската Унија (ЕУ) и НАТО, дијалогот олеснет од ЕУ за нормализација на односите меѓу Косово и Србија и преку поддршка на клучните реформи за интеграција во ЕУ“, се вели меѓу другото во информацијата.Помошник-државниот секретар на САД Џејмс О` Брајан, кога го честиташе изборот на Гордана Сиљановска- Давкова на социјалната мрежа Х, рече дека САД очекуваат да работат со Северна Македонија „на значајни реформи и заеднички цели на патот кон евроатлантската интеграција“.
И заменик-помошникот секретар на САД во заминување и специјален претставник за Западен Балкан Габриел Ескобар, во онлајн интервју за Европскиот центар на Атлантскиот совет на крајот на мај, рече дека САД добиле уверување од ВМРО-ДПМНЕ дека ќе останат посветени на европскиот пат.