Прва седница на грчката Влада по реконструкцијата, Мицотакис ги претстави главните приоритети

Справувањето со поскапувањата на цените, поефикасна држава, реструктурирање на примарниот сектор, подобро здравство и образование, би рекол дека сега стануваат наши пофокусирани приоритети, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот на денешната владина седница, што се одржува со новиот состав по вчерашната реконструкција, јави дописничката на МИА од Атина.

Реконструкцијата дојде на само неколку дена по европските избори на кои владејачката Нова демократија, иако победи со 28,3 отсто, сепак не ја постигна поставената цел од 33 проценти добиени на евроизборите пред пет години.

На почетокот на владината седница, Мицотакис се осврна на изборните резултати, повтори дека граѓаните, на свој начин им испратиле порака „имаме доверба во вас, но потрудете се повеќе“. 

– Всушност, ни побараа повеќе работа и помалку грешки, поголеми резултати и помалку доцнење на патот без лицемерни вртења десно, лево или кон центар, со правец само напред, истакна Мицотакис и додаде дека преку новиот владин состав испраќаат „колективна порака за динамичен рестарт“.

Тој говореше и за реформите, како „белег на секојдневието“ и начин да ги убедат дури и скептичните граѓани во намерите.

Се осврна и на политиката на ЕУ, рече дека следните пет години ќе бидат важни за конкурентноста на европската економија, за продолжување на строга, но фер миграциска политика, како и за поддршката на грчките бизниси.

– По Конференцијата за мир што се одржува за Украина, ќе бидам во Брисел и се надевам дека, како еден од двајцата преговарачи во име на Европската народна партија, ќе можеме брзо да се договориме за распределбата на одговорните позиции во раководството на европската пирамида. Мислам дека ова ќе отстрани дел од неизвесноста, што мислам дека не е добра за Европа, така што барем да го имаме гласањето за новата претседателка на Европската комисија, нашиот предлог ќе биде Урсула фон дер Лајен и оценувам дека ќе биде изгласана од Парламентот, а ова гласање да се заврши пред крајот на јули, рече Мицотакис.

По денешната владина седница, грчкиот премиер ќе замине за Швајцарија за да учествува на Конференцијата за мир во Украина. 

Поврзани објави
Total
0
Share