После децениско фаќање прашина и необновување, позитивната листа на лекови конечно ќе се проширува. Министерот за здравство доктор Фатмир Меџити вели дека е формирана Комисија од стручни лица која двапати месечно ќе ги разгледува апликациите од фармацевтските компании што ќе доставуваат предлози нивниот лек да се најде на позитивната листа, односно трошокот за лекот да биде на товар на Фондот за здравство. Во комисијата има службеници од Фондот, МАЛМЕД и доктори специјалисти. Ажурирањето на позитивната листа на лекови е долгоочекувано и треба да обезбеди поиновативна и поефективна терапија за пациентите.
Претседателката на стручната комисија која ќе ги разгледува апликациите на фармацевтските компании, доктор Љубица Шутуркова вели дека листата ќе се ревидира после 13 години. -На ваков начин ќе имаме поголема достапност на иновативни лекови во македонските ограничени ресурси, посочи професорката.
Комисијата ќе работи според правилник кога ќе одлучува кој лек да се најде на позитивната листа, а тој е усогласен со правилници создадени и применувани во Европската Унија. Ќе се вреднува дали лекот е значаен по јавното здравје, какво е неговото терапевтско значење, фармакоекономските ефекти, етичките аспекти и какви се научните сознанија за лекот.
-Значењето на лекотод аспект на јавното здравје се вреднува според тежината на заболувањето и колку една болест го чини општеството. Се вреднува безбедноста, ефикасноста и ефективноста на лекот односно соодносот на користа наспроти ризикот од неговата примена за одредена болест споредено со постоечката терапија. Следниот критериум е влијанието на лекот на текот на болеста. Ќе се анализира трошокот и ефикасноста на лекот и влијанието на лекот врз буџетот. Овие критериуми ќе бидат важни за одлучување на Управниот одбор на Фондот за здравство според расположливите средства на буџетот. Вреднувачки критерум се и етичките аспекти што значи дека ќе има лекови за деца до 18 години, жени кои планираат семејство, породување и мајчинство. Примената на овој правилник, ќе им овозможи на фармацевтските компании да регистрираат поголем број лекови во земјава, со што ќе се овозможи достапноста на лековите за пациентите, изјави професор доктор Шутуркова.
Комисијата ќе се состанува двапати месечно и ќе ги разгледува барањата од фармацевтските компании, а потоа своите заклучоци ќе им ги доставува на министерот за здравство и на управниот одбор на Фондот за здравство за да тие го дадат финалниот збор дали лекот ќе се најде на позитивната ревидирана листа на лекови.
Но, за ваквите апликации нема конкретни временски интервали кога треба да бидат комплетирани.
-Се ќе се одвива спонтано, нема тајминг. Според тоа како ќе ги добиваме апликациите, тие ќе бидат разгледани и проширувањето на позитивната листа на лекови ќе се одвива етапно, изјави министерот Меџити.
Тој најави дека проблемите со вработувањето на медицински кадар во болниците ширум земјава ќе се надмине, на начин што се прават олеснувања во административните процедури па така ако на некоја болница ѝ снема некој вид на специјалист, тогаш нема да треба да чека одобрение од Министерството за финансии за да го реализира вработувањето туку ќе може самостојно тоа да го направи, ако претходно има обезбедено буџет за таа намена. Меџити посочи дека Антикорупциската комисија постојано го опоменува Министерството за здравство, дека незаконски во болниците држи лекари со договор на дело подолго од 6 месеци, односно дека имало такви медицински лица што по пет години се на договор на дело, спротивно на законот. Министерот Меџити најави распишување на тендер за целосно реновирање на КАРИЛ каде се примаат најтешките случаи после сообраќајни незгоди и во животозагрозувачка состојба, а се работи и на катните гаражи во Клинички Центар „Мајка Тереза“.
За пациентите со цистична фиброза, кажано беше дека 80 проценти од нив немале завршено рентгенски снимки (компјутерска томографија) на Клиниката за пулмологија, па поради тоа тие снимки им биле правени деновиве. Причината што сега им се прават снимки на овие пациенти, е што тоа е ексклузивен критериум за добивање на лекот „Трикафта“.
-Ќе има најмодерен центар во регинот за цистична фиброза, во болницата во Козле, каде возрасните и децата ќе бидат разделени во различни оддели, вети Меџити.