Нема веќе глумење евроинтеграција. Или ќе ги усвоиме уставните измени за да почнеме преговори, или ќе ѝ се заблагодариме на ЕУ и ќе се откажеме.
Вака некако беше пораката на шефот на дипломатијата Бујар Османи на прес-конференцијата со министрите на Австрија, Чешка и Словачка, кои дојдоа да ги охрабрат граѓаните и пратениците за измените на Уставот, покажувајќи дека им е важна Македонија, дека процесот е кредибилен и дека по 18 години чекање да почнат преговорите, ќе биде штета ако Македонија дигне раце.
Министрите Александер Шаленберг, Јан Липавски и Мирослав Влаховски имаа најавени средби со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, со претседателот Стево Пендаровски и со пратеници од партиите што се на власта, на кои сакаа да им ги пренесат пораките на Жозеп Борел, европскиот шеф на дипломатијата.
Шаленберг притоа порача дека не се гледаат толку често министри од три земји членки на ЕУ во посета на една држава, практично сугерирајќи дека заинтересираноста на Брисел е вонредна. На нивната посета наскоро ќе следи и престој на уште три министри за Европа од Германија, Франција и од Полска.
„Ова не е посета од задоволство. Вие сте еден од нашите најсигурни партнери надвор од ЕУ. Ние сме трите најверни поддржувачи на Северна Македонија. Тука сме да пренесеме порака од високиот претставник за надворешна и безбедносна политика, Борел, а не во билатерална посета. Сакаме да ви пратиме порака на охрабрување. Нема време за губење. Да се одложи усвојувањето на уставните амандмани ќе значи да се одложи пристапувањето на вашата земја во ЕУ. Би било штета откако изминавте толку долг пат“, рече Шаленберг порачувајќи им на граѓаните дека не треба да дозволат да завршат попусто сите овие напори изминатите 18 години.
„Ако не продолжите на европскиот пат Северна Македонија ќе остане изолирана“, рече тој, уверувајќи дека процесот на преговарање со ЕУ е неповратен и дека по 18 години чекање – треба да се биде политички одговорен.
„Не ви се мешаме во внатрешните работи, решението треба да дојде од Скопје, не од Брисел, Париз, а ве уверувам ниту од Софија. Сега е време кога треба стратешки да се размислува, а оваа моја порака е за вас, но и за Бугарија: надминете ги билатералните прашања и почнете да размислувате стратегиски! Прага, Брисел и Виена и натаму ќе стојат зад вас и ќе ве поддржуваат, а Северна Македонија ќе остане да биде светол пример“, рече Шаленберг, кој важи за министер со остар и директен јазик.
Чешкиот министер Јан Липавски рече исто така дека се дојдени да изразат поддршка и да ги охрабрат сите политички актери да ги преземат неопходните чекори за да влеземе во ЕУ.
„НАТО ја гарантира безбедноста, ЕУ просперитетот“, рече тој, додавајќи дека Македонија веќе ја сметаат како дел на европското семејство и останува на нас да го завршиме процесот и да ги подобриме перформансите.
Словачкиот шеф на дипломатијата Мирослав Влаховски додаде дека дошле со цел да ни помогнат да изградиме национален консензус за најважната стратегиска цел на земјата.
„Ова е време кога треба да бидете самоуверени и да ги спроведете сите трансформативни процеси. Да станете локомотива што ќе го влече процесот напред и лидер на Балканот во евроинтеграцијата“, рече тој, надевајќи се дека ќе успееме во тоа до 2030 година. Тргнувајќи од словачкото искуство тој оцени дека членството во ЕУ навистина се исплатува, па го цитираше Кофи Анан, поранешен генерален секретар на ОН, кој рекол „времето е сега, а изборот е јасен“.
„Ве чекаме да станете членка на ЕУ што поскоро“, рече тој.
Османи, пак, дополни дека зборот измена на Уставот е погрешен и дека треба да се зборува за дополнување, бидејќи не се менува уставното уредување туку се допрецизира. Според него, граѓаните со последната анкета порачале недвосмислено дека се за ЕУ, додека државата во однос на две третини од преговарачките поглавја е прва во регионот, има усвоено над 40 отсто од европското закониодавство и 100 отсто е усогласена со надворешната политика на ЕУ. Силата на проширувањето, рече тој, се виде деновиве во Вилнус со деблокадата на приемот на Шведска во НАТО, а сега има таков интегративен моментум во ЕУ. Тој нагласи дека ќе направиме историска грешка ако го развлечеме процесот, најавувајќи дека наредните денови уставните измени ќе се најдат пред Владата, а потоа ќе се проследат во Собранието, при што пратениците ќе бидат ставени пред изборот – да ја отворат таа евриоинтеграциска врата или да останат закопани во изговорите на кои наскоро нема да се сеќава никој.
„Во овој процес“, дополни тој, „треба да влеземе без предрасуди во однос на исходот, сериозно и суштински… Пораката денес на трите министри е дека цела ЕУ стои зад овој договор, дека не може да го менува никој и дека подобар не може да се добие. Ако е така, зошто е тогаш одложувањево? Или ги усвојуваме амандманите и ќе ги почнеме преговорите, или ќе кажеме дека нема интерес за ЕУ и ќе се откажеме. Трета опција нема“, рече Османи најавувајќи дека таа дилема ќе се решава пред камери во Собранието.