Претседавачот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа(ПСЈИЕ) и министер за надворешни работи, Бујар Османи ја отвори пленарната сесија на Министерскиот состанок, што се одржува во рамки на нашето едногодишно претседавање со Процесот, под мотото „Премостувајќи Поделби, Градејќи Доверба”.
Oсмани се заблагодари за поддршката од Советот за регионална соработка (RСС) при реализирање на активностите при што, како што истакна, „Оставаме зад нас една успешна година, со бројни постигнувања на полето на регионалната соработка, а особено значаен е постигнатиот консензус за избор на нов Генерален секретар на RСС”.
Да ги наведам уште еднаш нашите основачки документи кои укажуваат на основната цел на нашиот регионален процес: ‘Добрососески односи, стабилност, безбедност и соработка во Jугоисточна Eвропа’ и стремежот за ‘Интегрирање на нашите земји во евроатлантското семејство на слободни и демократски нации’, кои се релевантни и применливи денес исто како и во минатото”, нагласи Османи.
Османи рече дека учесниците во Процесот имаат постигнато важни резултати во бројни области, но дека морат да ги удвојат напорите до крајната цел: членство во ЕУ за сите учесниците на ПСЈИЕ.
По отвореното обраќање на Османи следуваат обраќања на шефовите на делегации на 13 учесници, претставници на ЕУ и РСС, по што агендата продолжува со усвојување на Годишниот извештај на РСС, дискусија на тема избор на Генерален секретар на РСС и одобрување на Декларацијата на Самитот на шефови на држави и влади на учесниците на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), што ќе се одржи попладнево, соопштуваат од МНР.