Почитувани пратенички,
Почитувани гости на денешната седница,
Дами и господа,
Секој ден, а особено 8 Март, е можност да се покаже почит и благодарност кон жените за нивниот неуморен придонес за развојот на општеството во кое живееме.
Секој оној што сака објективно и добронамерно да го погледне светот околу себе, не може да го доведе во прашање овој придонес, ниту пак да ги игнорира достигнувањата на жените, од културата и уметноста до науката и истражувањето, од политиката до економијата, од грижата за најмладите до грижата за семејството.
Печатот на жената е силен во сите сфери на човековата активност, без исклучок.
Токму затоа придонесот што го даваат жените во развојот на општеството, во развојот на светот воопшто не смее и не треба ниту да се потценува, ниту да се занемарува.
Напротив, не само на 8 март туку постојано треба да се има на ум колку за сите нас е важна родовата еднаквост во сите сфери на општественото живеење.
Одбележувањето на овој датум е можност да се потсетиме на долгиот пат што го поминаа жените во борбата за основните човекови и граѓански права, рамноправност, политичка, економска и социјална еднаквост.
По тој пат одиме и денес, покажувајќи и искажувајќи на секој чекор благодарност и почит кон секоја жена.
Република Северна Македонија секојдневно работи на зајакнување на положбата на жената и заштита на нивните права.
Родовата еднаквост е една од највисоките вредности на нашиот уставен поредок.
Нашата цел е толерантно и еднакво општество каде сите имаат еднакви можности.
Со гордост морам да истакнам дека македонското Собрание покажа голема посветеност во унапредувањето на родовата еднаквост.
И таа посветеност ја покажа на практичен начин, преку конкретни мерки со што сме лидери во промоцијата и имплементацијата на родовата еднаквост.
Денеска, Собранието го надминува прагот од 40 проценти жени пратенички, а сите ние сме свеснидека не толку одамна сликата во оваа законодавна сала не беше на ова ниво какво што е денеска.
А тоа го постигнавме затоа што како пратенички групии како политички партии имавме консензус за ова прашање и гопрепознавме приоритетот да се обезбеди поголема застапеност на жените во Собранието, затоа што само на тој начин ќе има реална и еднаква застапеност на сите граѓани.
Кога се во прашање правата на граѓаните, не само кога зборуваме за жените, туку и кога се во прашање правата, животниот стандард и просперитетот на ранливите категории на граѓани треба да целиме кон заеднички и консензуален пристап затоа што тоа е гаранција за негова целосна имплементација и почитување.
Токму од тие причини е важно значењето на оваа денешна собраниска седница, посветена на активностите и улогата на пратеничките во подобрување на состојбата на родова еднаквост и унапредување на правата на жените во овој пратенички состав.
Важно е заедно да ја пратиме пораката дека за ова прашање сме единствени, дека не е важна партиската, етничката или пак религиозната припадност, туку сите заедно да работиме за општество кое нуди еднакви шанси и можности за напредок за сите.
Почитувани пратенички,
Ви благодарам за досегашната посветеност и одговорност со која ја штитите и унапредувате положбата на сите жени во нашата држава, но и за Вашиот несебичен придонес за целокупниот напредок во целокупното општество.
Република Северна Македонија, поради вас и со вас, сигурно оди напред – уште побрзо и посилно.
Силата на жената е огромна и посакувам чествувањето и почитта да бидат составен и природен дел на нашето секојдневие.
Само со упорно поттикнување на понатамошен напредок на положбата на жената, без предрасуди и дискриминација и со нивна заштита од секаков вид насилство, можеме да ја постигнеме нивната целосна политичка, економска, социјална и социјална еднаквост.
Дозволете во мое лично име и од име на Собранието да го честитам Меѓународниот ден на жената – 8 Март.
Ви благодарам.