Љупчо Палевски Палчо, првоосомничениот за свирепите убиства на 14-годишната скопјанка Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот велешанец Панче Жежовски, извршени лани, во ноември, од завчеравечер се наоѓа во притворското одделение во затворот во Шуто Оризари, откако беше екстрадиран од Турција со редовна авионска линија.
Од Јавното обвинителство и од Основниот кривичен суд не откриваат кога Палевски ќе биде изведен на распит пред обвинител и судија на претходна постапка, но се очекува тоа да се случи многу брзо.За убиството на Ѓорчевска и на Жежовски како соизвршители се осомничени Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, кои се во притвор од декември минатата година, а Палевски од органите на прогонот беше посочен како директен извршител на убиството, кој Вања и Панче ги убил со пиштол.Од Јавното обвинителство соопштија дека истрагата за Манев, Кешишов и Видевски за делата грабнување и убиство е при крај, а за Палевски е во тек. Покрај нив, се води истрага за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, за помагање при грабнувањето, кој од неодамна е во домашен притвор, како и за лицето Стефан Димовски, кој го возел Палевски во Турција.
По екстрадицијата на првиот осомничен од Република Турција, јавниот обвинител од ОЈО Скопје продолжува да презема истражни дејства во предметот за грабнувањето и убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. За петмина осомничени, од кои тројца соизвршители во тешките кривични дела – две грабнувања и две убиства на свиреп начин, еден осомничен за помагање при грабнувањето на малолетно лице и еден осомничен за помагање по извршеното кривично дело, истрагата е во завршна фаза.
Врз основа на меѓународна потерница издадена по наредба на ОЈО Скопје, Република Турција вчера го екстрадираше првиот осомничен за кривичните дела. По барање на јавниот обвинител, за него веќе е определена мерка притвор што веднаш почна да се применува. Во однос на ова лице, јавниот обвинител презема истражни дејства на прибавување и анализа на докази што во оваа фаза на постапката не можат да бидат споделени со јавноста – соопшти денеска Обвинителството.