Најмалку седум хуманитарни работници од тимот кој доставува храна до гладните цивили во Газа се убиени во израелски воен напад во градот Деир Ал-Балах, информира хуманитарната организација „Светска централна кујна“, пренесува Гардијан.
Австралија потврди дека меѓу убиените е и еден нејзин државјанин.
Според Си-ен-ен, видеата до кои дошле покажуваат тела на повеќе луѓе кои носат елеци од Светската централна кујна. На снимката се гледаат пасоши од Британија, Полска и Австралија.
Светската централна кујна е хуманитарна организација која обезбедува оброци за регионите и заедниците погодени од катастрофи. Таа е една од ретките хуманитарни организации што ја доставуваат потребната храна во Газа, каде што 2,2 милиони луѓе немаат доволно храна и каде хуманитарните агенции предупредуваат дека половина од населението е на работ на глад, поради намалувањето на протокот на хуманитарна помош од Израел.
Светската централна кујна е невладина организација со која израелската војска соработувала, бидејќи дел од она што го направила оваа организација е токму носење храна во Газа преку морето.
Ова не е првпат хуманитарните работници да бидат наводно под удар на израелските сили.
Според УНРВА, од нападот на Хамас на 7 октомври низ јужен Израел, најмалку 165 работници на Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци се убиени.
Последните години, Светската централна кујна се најде на насловните страници за координирање на помош со храна за илјадници луѓе по земјотресот што го опустоши Хаити, ураганот Марија кој го опустоши Порторико, шумските пожари ја изгореа Јужна Калифорнија и бегалската криза се интензивираше на границата со Венецуела.
Во март, непрофитната организација ја предводеше иницијативата за испраќање 200 тони прехранбена помош во Газа – што беше првата поморска пратка хуманитарна помош во палестинската енклава.