Не треба да се крева паника во однос на новата состојба со конго-кримска хеморагична треска, изјави за МИА, портпаролот на Комисијата за заразни болести, Злате Мехмедовиќ.
Тој подвлече дека не очекуваат да има повеќе случаи на конго-кримска хеморагична треска во блиска иднина.
„Комисијата за заразни болести апсолутно стои зад сето тоа што е направено од страна на Институтот за јавно здравје, мерките што се преземаат и препораките што се даваат, нагласи тој.
Од она што го виделе, како што додаде тој, првиот случај е случај на директно заразување, а вториот е веројатно на пренесување преку контаминирана крв.
„Не очекуваме да има повеќе случаи, меѓутоа ова не е првпат да се јавува во државава ваков тип на заболување, зборуваме конкретно за Дека го имало во минатот, го имало, дека се појавува во регионот – се појавува, дека ќе има вакви инцидентни појавувања – ќе има. Меѓутоа тоа не значи дека сме на раб на избивање на нова епидемија што ќе ги загрози сериозно животот и здравјето, истакна Мехмедовиќ.
Од Министерството за здравство вчера информираа дека по потврдување на случај на конго-кримска хеморагична треска кај жена на 27-годишна возраст, вработено лице на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби (КИБФС), идентификувано како контакт со среден ризик, на деветтиот ден од надзорот, пројавило симптоми. Согласно добиените резултати од страна на ЕПИ Одделот на ИЈЗ, бил утврден позитивен случај на конго-кримска хеморагична треска.
Оттаму појаснија дека пациентот е хоспитализиран на Клиниката, а Одделот за епидемиологија на заразни болести при Институтот за јавно здравје Скопје, веднаш формирал екипа за теренски увид, „која ги спроведе потребните активности, односно изврши анкетирање на пациентот и ставање под надзор контакти од здравствен ризик со цел спречување од понатамошно ширење на болеста“.