Лидерот на Демократската партија на Косово ги повика Курти и опозициските партии да го распуштат Собранието до 29 мај

Лидерот на најголемата опозициска партија во косовското Собрание, Демократската партија на Косово (ПДК), Мемли Красниќи испратил писмо до претседателот на владејачката партија, Движење Самоопределување, премиерот Албин Курти, како и до лидерите на другите две парламентарни опозициски партии, Љумир Абдиџику од Демократскиот сојуз на Косово, и Рамуш Харадинај од Алијансата за иднината на Косово, со предлог на 29 мај да се изгласа распуштање на Собранието, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во писмото, како што информира Красниќи преку неговата страница на Фејсбук, тој го повторил ставот на ПДК за потребата од одржување предвремени парламентарни избори, нагласувајќи дека тоа е „од суштинско значење за создавање функционално Собрание кое е во служба на граѓанскиот интерес”.

„На последните средби што ги имав со секој од лидерите на овие парламентарни партии, го изразив ставот дека изборите денес се граѓанска потреба, а не политичка желба, па затоа сега е време да дејствуваме координирано и со конкретни чекори“, напиша Красниќи.

Опозицискиот лидер вели дека „Косово и косовските граѓани имаат потреба од нова влада која ќе се фокусира на економскиот развој, благосостојбата на граѓаните и евроатлантската интеграција“.

„Новите избори се од суштинско значење за создавање функционално Собрание кое е во служба на интересот на граѓаните. Демократската партија на Косово ги предложи датумите 30 јуни или 7 јули за одржување предвремени избори поради законските и уставните рокови. За да се постигне еден од овие датуми, процедуралната моција за распуштање на Собранието на Косово треба да се изгласа до 29 мај. Затоа и денеска ги повикувам сите парламентарни партии да се координираме и да соработуваме за доброто на нашите граѓани“, заклучи Красниќи.

Поврзани објави
Total
0
Share