На скопјанецот И.Ј. му е одреден 30-дневен притвор, откако против него е отворена истрага за кривичните дела Изнуда и Лажно претставување, соопштија од Јавното обвинителство и МВР.Според обвинителството, осомничениот во периодот од декември 2023 до април 2024, лажно се претставувал како службено лице – вработен во Агенцијата за национална безбедност и со сериозни закани присилил едно оштетено лице да му даде пари, накит, автомобили и други добра во вкупен износ од околу 180.000 евра.
„Претставувајќи се како вработен во АНБ и посредник за исплата на долг, осомничениот на оштетениот 54-годишник, управител на фирма, му вршел притисоци со закани за неговиот и животот на неговото семејство, па во повеќе наврати му земал парични средства, три автомобили, два мобилни телефони, златни прстени и друг накит“, се вели во соопштението на обвинителството.Осомничениот е уапсен на 5 април, кога оштетениот му предал 500 евра, кои претходно биле криминалистичко-технички обработени од полицијата.