Премиерот Димитар Ковачевски денеска упати остри пораки кон институциите во државата да си ги извршуваат своите должности и да постапуваат според законите, бидејќи, како што кажа „на народот му е преку глава од криминал“. Тој го поддржа најавениот протест за случајот со Клиниката за онкологија за тврдењата за продавање на цитостатици, оценувајќи дека станува збор за позитивен притисок случајот да се расчисти што побрзо, но истовремено повика, како што рече, овој грозен случај да не се политизира.
„Никој не смее да врши никакво влијание и никаков притисок во овој случај. Нема да се дозволи никаков притисок, ниту политички, ниту етнички, ниту било каков друг. Инволвираните, ако сакаат нека бидат членови и на свети СДСМ и на свето ВМРО и на свети ДУИ, тој што се огрешил има да одговара“, порача Ковачевски.
Одговорајќи на прашање на новинарите по поставувањето камен-темелник за доградба на ОУ „Коле Неделковски“ во Дебар Маало, во врска со други злоупотреби, Ковачевски рече дека институциите треба да постапуваат така како што е по закон.
„Затоа што на народот му е преку глава од криминал, од изигрување на законите и од правење на финансиски средства на грбот на граѓаните. Законот треба да важи за сите. Има институции кои што идентификуваат прекршување на законот, а и други институции кои што треба да го санкционираат исто така треба да бидат на ниво на задачата. Затоа што доста беа попусти 30 години во оваа држава некој да се чувствува дека државата некому е мајка, а некому маќеа“, порача Ковачевски.
Одговарајќи на прашање за политичка одговорност, Ковачевски рече дека не може да се бара политичка одговорност од некој кој не е на функција.
„Меѓутоа, да повторам уште еднаш. По 20 години од сѐ што се изнаслушавме во државата во многу сектори, а особено во здравствениот сектор, за прв пат Министерството за внатрешни работи и Обвинителството влегоа и направија акција во делот на прибирање на докази во врска со јавно изнесени обвиненија и сомнежи од страна на граѓани, медиуми, пациенти, во делот на терапиите кои што се издавале на една од клиниките во Клиничкиот центар во Скопје. Пардон нема да има за никого во овој случај. Ова е грозен случај во кој што МВР има определено тим кој што работи на прибирање обемен доказен материјал, каде што работат подоцна заедно со Обвинителството. Се надевам дека и Обвинителството ќе ја објасни нивната постапка.
Нема да има пардон за никого без разлика дали припаѓа на било која политичка партија, на било каква припадност. Овде се работи за мултипартиски и мултиетнички криминал кој што мора да се расчисти. Граѓаните очекуваат расчистување на ова и нема да има никаков пардон“, рече Ковачевски.
Осврнувајќи се на најавениот протест денеска, Ковачевски рече дека ја разбира нивната загриженост и нивниот бес.
„И правото на протест во вакви случаи е добредојдено, бидејќи врши дополнителен притисок врз институциите побрзо да ја завршат својата работа. Но, уште еднаш повикувам случајот да не се политизира бидејќи овде се работи за истражни дејствија кои што ќе бидат спроведени на најпрофесионален начин и во кој што нема да се прави пардон за никого“, рече Ковачевски.
Тој додаде дека очекува да се спроведе брза и професионална истрага која што ќе идентификува поединци кои што се огрешиле и пред закон и пред етички и морални принципи на докторската фела.
„Исто така повикувам да не се прави сензационализам и да не се обвинува целата докторска фела за нешто што го направиле поединци, бидејќи нашето здравство има професионални прекрасни доктори кои што се грижат за нашето здравје“, рече Ковачевски.
Тој додаде дека во однос на раководствата и на Министерството и на Клиниката за онкологија, се работи за нови раководства.
„Новата директорка на Клиниката за онкологија е поставена во времето на мојот мандат и комплетно соработува со истрагата заедно со нејзините колеги. Истото се однесува и на Министерот за здравство и на неговата заменичка“, посочи Ковачевски, нагласувајќи дека политизирањето на случајот ќе значи на некој начин прикривање на некого и затоа повикува да не се политизира и институциите да го завршат она што е започнато.
„Доста беше 30 години граѓаните да бараат борба со криминалот и корупцијата. Сакам да испратам порака и до сите институции дека треба да се придржуваат до законските одредби во нивното работење, меѓутоа и до спроведување на процедурите при работењето за да работат ефикасно и домаќински со народните пари“, нагласи Ковачевски додавајќи дека истрагата која што е во тек се работи професионално, како и дека се опфатени поголем број на материјали на лица за да се утврди кои се виновниците, што точно имаат направено и потоа да бидат процесуирани согласно законите во државата.