Нападот во понеделникот вечерта, во кој загинаа седум работници на Светската централна кујна (WCK), вклучително и шест странци, ги налути дури и некои од најблиските сојузници на Израел. Затоа расте притисокот за прекин на борбите во Газа.
Израелската војска призна дека нејзините сили го извршиле нападот по грешка и се извини за ненамерната смрт на седум лица, вклучително и државјани на Велика Британија, Австралија и Полска, двоен американско-канадски државјанин и еден Палестинец.
Но, јавното мислење дури и во традиционално пријателските земји, како Велика Британија, Германија и Австралија, се свртува против кампањата на Израел во Газа, која беше почната по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, во кој загинаа околу 1.200 луѓе, а беа киднапирани 250.
Американскиот претседател Џо Бајден, кој е под зголемен притисок од сопствените поддржувачи да влијае на Израел да ги прекине борбите, рече дека е огорчен од нападот врз конвојот.
По разговорите со Нетанјаху, Белата куќа побара „конкретни и мерливи чекори за намалување на цивилната штета“ и рече дека идната американска поддршка ќе зависи од акциите на Израел.