Ирците на референдум решија: На жените местото им е во домот

Премиерот на Ирска – Лео Варадкар денеска изјави дека ирската Влада е поразена на двоен референдум за промена на Уставот, на кој граѓаните се изјаснија дека не сакаат да се смени тој дел од кој, меѓудругото, се вели дека на жените местото им е во домот.

Варадкар најави дека според првите резултати јасно е дека граѓаните на референдумите гласале против предложените измени на Уставот, пренесува Асошиејтед прес.

Вчера, на Меѓународниот ден на жената, во Ирска се одржаа два референдума, на еден од нив граѓаните се изјаснија дали се за отстранување на дефиницијата според која бракот е „основата на која се заснова семејството“ и дали сакаат да се избрише делот од Уставот во кој пишува дека „на жените местото им е во куќата“.

„Нашата одговорност беше да го убедиме мнозинството луѓе да гласаат „ЗА“ и очигледно не успеавме да го направиме тоа“, рече премиерот Варадкар.

Ирската влада водеше кампања граѓаните да гласаат „ЗА“ на двата референдуми, тврдејќи дека со измените ќе се отстрани сексистичкиот јазик и ќе се прошири заштитата на семејството.

Противниците тврдеа дека формулацијата на промените е лошо смислена, аргумент што се чинеше дека доби на сила во последните денови од кампањата.

Победата на опцијата „ЗА“ промена на Уставот се сметаше за можна, бидејќи анкетите спроведени пред референдумот покажаа дека мнозинството граѓани ги посакуваат споменатите измени.

Сепак, беше забележан низок одѕив во текот на целиот ден на гласање, а во некои области излегоа помалку од 30 проценти од запишаните гласачи.

Поврзани објави
Total
0
Share