По поскапувањето во продавниците, поскапуваат и зелените на пазари. Не беше потребно многу време, по укинувањето на мерката „загарантирана цена“, за пазараxиите да почнат да ги менуваат ценовните картончиња по тезгите. Алфа ТВ во обиколка на пазарите, забелажа поскапување кај тиквичките, кои се продаваат по 120 денари, кромидот достигнува цена и до 70 денари, парче марула 45, крушите помеѓу 70 до 130. Мандарините пак 80 денари, краставиците 80, а доматите со цени и до 120 денари.
Граѓаните со кои поразговаравме велат, со мизерни плати, едвај се преживува месецот, бидејќи цените станаа европски, а ние останавме со македонски примања.
Додека купците си одат со полупразни кеси, пазарџиите се правдаат, велат, добавувачите се тие кои ја создаваат цената, а се жалат и оти на пазарите има се помалку купувачи. Нивните производи имаат краток рок на трање, па велат дека некогаш ги продаваат и по набавни цени, само за да не се во загуба.
Во меѓувреме, синдикатите пресметуваат дека синдикалната кошничка за минатиот месец, февруари, изнесувала безмалку 1000 евра. Зголемена за над 6.300 денари во однос на истиот месец лани. Според синдикалните пресметки, на четиричлено семејство со двајца родители и две деца, само за храна му требаат нешто повеќе од 21.000 денари, што се безмалку 40% од месечните трошоци. Овие бројки покажуваат дека семејства со примања од две минимални плати живеат во сиромаштија, бидејќи за основниот минимум се потребни речиси три такви плати.
Поскапувањата кај нас се случуваат, додека на глобалните пазари цените на храната континуирано паѓаат. Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации, уште во јануари објави дека референтната вредност на светските цени на храната во споредба со декември бележи пад.