Грковска на конференција на WOBA: Жените се соочуваат со специфични бариери, кои ги прават поотпорни и помотивирани во борбата за подобро општество 

„Правичната застапеност на жените на масите каде што се носат одлуки е предност сама по себе. Бидејќи вклучувањето на различни перспективи, искуства, пристапи и енергии, води до подобри и посеопфатни решенија на кое било поле“, истакна заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на панел дискусија посветена на клучната улога на женското лидерство во справувањето со предизвиците, која се одржа во рамки на конференцијата „Успешни жени, за успешен регион“.

Грковска посочи дека за да се изгради подобро општество и систем кој е функционален, ефикасен, праведен и ги исполнува барањата и потребите на сите групи во нашата заедница, жените мора да бидат составен дел од тие процеси, а нивниот глас, идеи и потенцијал мора бидат вклучени во дизајнирањето и на сегашноста, и на иднината. На основно ниво, додаде вицепремиерката Грковска, ова е прашање на човекови права, на справување со дискриминацијата и нејзините извори. Бидејќи без стремеж за еднаквост на сите нивоа, нема успешно вградување на принципите на добро владеење во системот и општеството.

„Сметам дека токму предизвиците кои се специфични за жените, нееднаквиот третман во општеството и бариерите со кои се соочуваат, ги прават жените поотпорни и помотивирани во борбата за подобро општество. И затоа длабоко верувам дека жените и младите се движечката сила на позитивните општествени промени“, изјави Грковска во своето излагање.

Вицепремиерката ја нагласи важноста на соработката, вклучително и на регионално ниво, како и дијалогот и взаемната одговорност меѓу владите, компаниите и граѓанските организации, додавајќи дека од клучно значење е да се поттикне средина каде што сите засегнати страни се активно ангажирани за ефективно справување со предизвиците во општеството.

На панел дискусијата Грковска се осврна и на прашањето за родовиот јаз на пазарот на труд, истакнувајќи дека жените се сè уште доминантна работна сила во индустриите со пониски плати, но се недоволно претставени во дигиталниот свет, којшто обезбедува повеќе можности за економско зајакнување и професионален развој. Со оглед на тоа што жените сочинуваат половина од корисниците на технологијата, појасни Грковска, нивните сознанија и искуства се непроценливи во обликувањето на современите општества, во креирањето и спроведувањето на стратегии за дигитализација, во сајбер безбедноста и во сите поврзани сегменти од дигиталната трансформација на нашите општества.

Денешната конференцијата се одржа во Скопје, со учество на претставници од Владата, приватниот и граѓанскиот сектор, во организација на регионалната непрофитна иницијатива Women on Boards Adria – WOBA (Жени во органи на управување Јадран), основана со цел да се зголеми родовата разновидност во извршните и неизвршните органи на управување во регионот.

Поврзани објави

Делегација од земјата ќе учествува на регионалната конференција за микрофинансии Microbalkans 2024 во Сараево

Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската Комора на Северна Македонија, заедно со претставници од Министерството за Финансии…
Повеќе
Total
0
Share