Германската влада ги отфрли повиците за распишување предвремени избори, бидејќи партиите од владејачката коалиција претрпеа пораз на изборите за Европскиот парламент во неделата.
„Редовниот датум за избори е есента следната година и планираме да го направиме тоа на тој начин. Никогаш, ниту за секунда, не се помислуваше дека сега може да се распишат нови избори во Германија“, изјави во понеделникот во Берлин владиниот портпарол Штефен Хебестрајт.
Трите партии од владејачката коалиција на канцеларот Олаф Шолц заедно добија помалку од една третина од гласовите на европските избори. Социјалдемократите го постигнаа својот најлош резултат досега на националните избори, пораз кој ја доведува во прашање иднината на владата.
Сите три партии имаа послаб резултат од суверенистичката крајно десна партија Алтернатива за Германија (AfD), која е втората по довербата меѓу гласачите на сојузно ниво, но во некои од источните германски покраини има водство. Покрај тоа, загрижува и фактот што младите изборачи во мнозинство гласале за AfD, покажуваат истражувањата.
Опозициските конзервативци на CDU/CSU, меѓу другите, побараа парламентот да гласа за доверба на Шолц и да се распишат нови парламентарни избори.
„Владата на Шолц е четиригодишен проект. Сметките ќе се подмират на крајот од четири години. Тогаш гласачите ќе можат повторно да гласаат и така функционира политиката“, додаде Хебестрајт.