Фон дер Лајен потврди: ЕК ќе препорача отворање на пристапните преговори со Босна и Херцеговина

Претседателката на Европската Kомисија, Урсула фон дер Лајен, потврди дека оваа институција во текот на денот (12 март) ќе препорача отворање на пристапните преговори меѓу Европската Унија и Босна и Херцеговина.

За време на нејзиниот говор на пленарната седница на Европскиот Парламент, таа оцени дека Босна и Херцеговина постигнала поголем напредок откако добила кандидатски статус отколку за повеќе од една деценија.

„Се разбира, потребен е поголем напредок за да се приклучи на нашата Унија. Но, земјата покажува дека може да ги исполни критериумите за членство и стремежот на граѓаните да бидат дел од нашето семејство. Затоа денеска ќе одлучиме да препорачаме до Советот отворање на пристапните преговори со Босна и Херцеговина“, рече Фон дер Лајен.

Официјалната препорака Европската Комисија ќе ја објави подоцна попладне по состанокот на колегиумот.

Извештајот што ќе биде објавен, според претседателот на Европската Комисија, е „фактичка анализа на последните настани“ и јасна слика за состојбите во земјата.

Таа спомена дека Босна и Херцеговина сега е целосно усогласена со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, што, според Фон дер Лајен, е „клучно во овие времиња на геополитички превирања“.

Поврзани објави
Total
0
Share