Додаток за прекувремена работа се исплаќа во само 26 од 36 институции, а додаток за прилагодување на пазарот на труд не се исплаќа во ниту една институција утврдил Државниот завод за ревизија (ДЗР). Констатирал и дека модулот за пресметка на плати се користи само од 29 институции, а модулот за управување со учинокот не се користи воопшто. Укажува да се преиспитаат законски утврдените рокови за одобрување на плановите за вработување како и да се усогласи Законот за административни службеници со Општиот колективен договор за јавниот сектор во делот на начинот на утврдување на платата.
Со ревизијата на усогласеност на тема „Плати и додатоци на плати на административните службеници во Република Северна Македонија“ што ја објави денеска ДЗР биле опфатени платите и додатоците на плати на административните службеници за период од 2021 до 2023 година во 14 министерства и 22 институции, меѓу кои и институции каде определени прашања во врска со работниот однос на административните службеници се регулирани со посебни закони.Констатирано е дека Владата продолжува со реорганизација на јавните институции и засилување на нивниот капацитет заради воспоставување на унифициран и кохерентен систем на плати во јавниот сектор, преку изработка на стратегии зареформа на јавната администрација и нови законски предлози, но од страна на Собранието се уште не се донесени.– Со извршената ревизијата на информациониот систем за управување со човечки ресурси во јавниот сектор воспоставен во МИОА, се утврди дека модулот за пресметка на плати се користи само од 29 институции, додека модулот за управување со учинокот не се користи воопшто. Ваквата состојба ја доведува во прашање оправданоста на набавката и одржувањето на системот, како и ефикасноста на планирање на развојот и унапредувањето на вработените во јавниот сектор, а со тоа и на платите во јавниот сектор, информира ДЗР.Во однос на плановите за вработување со кои институциите ги планираат потребните годишни вработувања констатирано е дека не се донесени во законски утврдените рокови, што влијае на степенот на реализација на вработувањата. Во2021 година реализирани се само 19,5 проценти од вкупно планираните вработувања, додека во 2022 година реализирани се само 16 проценти.Извршената анализа на вработувањата во опфатените 36 институции покажала дека планирањето на нови вработувања е фокусирано на неопределено време, а не и за вработувања на определено време и привремените вработувања преку агенции за привремени вработувања. Во периодот од 2021 до септември 2023 година, во овие институции биле вработени вкупно 3 384 лица, од кои 1 012 на неопределено време, 468 на определено време, 1 424 привремено и 480 преземени од други органи.ДЗР укажува дека ваквите состојби создаваат ризик од ненавремена и нецелосна реализација на целите и надлежностите на институциите во државата, поради што ревизијата е на мислење дека постои потреба од преиспитување на законски утврдените рокови за одобрување на плановите за вработување.