Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи вели дека одредени компании самите одлучиле да ги задржат гарантираните цени до 15 мај и покрај тоа што завршија таквите мерки кои ги воведе владата.
Прашан дали Законот за нефер трговски практики, кој денеска е на дневен ред на пленарна седница на Собранието, ќе воведе ред во малопродажните цени, Битиќи рече дека ваквите одлуки на одредени ланци на маркети знаат да бидат општествено одговорни.
-Кога нема нарушување на вредносниот ланец, на ланецот на набавка стопанствениците знаат да бидат општествени одговорни кон крајните корисници. Секако, Законот е системско решение. Решение кое сме го немале, го немале никаде во Европа, е ново решение според ЕУ-директивите и мислам дека конечно значи правиот пат којшто сите го бараме, а тоа е патот кон Европската интеграција. Ваквите решенија укажуваат што е доброто на нашето интегрирање во ЕУ, вели Битиќи.
Според вицепремиерот, во тешки времиња владата ќе носи мерки во корист на граѓаните, дури и ако тие не се според пазарната логика.