Бајден и Трамп го обезбедија потребниот број делегати за да добијат номинација за претседателските избори

Џо Бајден и Доналд Трамп го обезбедија потребниот број делегати за да добијат номинација за претседателските избори во САД во ноември, што ќе биде прв повторен дуел на двајца кандидати по речиси 70 години.

И додека Бајден како актуелен претседател немаше конкурент на демократските предизбори, Трамп го надмина прагот на бараните 1.215 делегати откако вчера се гласаше во четири сојузни држави и на една американска територија. Номинациите и официјално треба да бидат потврдени на партиските конвенции, што ќе се одржат летово.

Бајден изјави дека е почестен што гласачите ја поддржале неговата повторна кандидатура „во моментот кога заканата што доаѓа од Доналд Трамп е поголема од кога било“.
 
„Америка е среде економски камбек, но се соочува со предизвици за својата иднина како демократија“, кажа 81-годишниот Бајден.

Во исто време, Трамп останува популарен кај републиканската база на гласачи, при што на предизборите изгуби само во Вермонт и главниот град Вашингтон. Неговата кампања се фокусираше на проблемот со имиграцијата, при што вети дека ќе ја запечати границата со Мексико и ќе спроведе рекорден број депортации.

„Сега не е време за славење, мора да го победиме Бајден, најлошиот претседател во американската историја. Ќе дупчиме, ќе ги затвориме границите, ќе ја направиме нашата економија најдобра на светот“, порача Трамп.

Поврзани објави
Total
0
Share