Австралијци мислеа дека снимиле метеор, испадна дека е руска ракета

Вчера на ноќното небо над Мелбурн беа видени блескави остатоци, при што многумина споделија фотографии и снимки на социјалните мрежи со прашањето дали можеби станува збор за метеор. Светлосниот феномен патувал низ планината Булер до Мелбурн и бил во пламен речиси една минута пред да се распадне во остатоци кои силно гореле.

– Ѕвезда што паѓа над Мелбурн или тоа е комета? напиша еден X корисник. Не знам дали е метеор, комета или вселенско ѓубре, напиша друг.

Експертите брзо процениле дека се работи за вселенски отпад што изгорел поради триење кога со голема брзина удрил во атмосферата.

Поради големиот јавен интерес, австралиската вселенска агенција објави соопштение во кое се наведува дека забележаните блесоци на светлина најверојатно се остатоци од руската ракета Сојуз-2, лансирана вчеравечер од космодромот Плесецк, северно од Москва, која повторно навлезе во Земјината атмосфера. Ракетата беше искористена за лансирање на сателит претходно истата вечер.

– Навистина е неверојатно, изјави професорот Алан Дафи, астроном од Универзитетот Свинбурн, за радиото 3AW. „Тоа е најголемото светлосно шоу што сум го видел, во однос на повторното влегување на некој вид материјал од орбитата.

Ракетата тежи 105 тони, долга е 25 метри и беше исфрлена на „исклучително голема надморска височина“ откако остана без гориво, рече вонредниот професор Алис Горман од Универзитетот Флиндерс. „Многу жители на Мелбурн ја видоа ракетата како лета низ небото додека се распаѓаше на парчиња, а секое од нив продолжи да гори во спектакуларен огномет, рече таа.

Остатоците од ракетата се планира безбедно да влезат во атмосферата и да паднат во океанот кај југоисточниот брег на Тасманија, според вселенската агенција, која додава дека „ќе продолжи да ги следи резултатите од ова повторно влегување“.

Поврзани објави
Total
0
Share