Препораките на ГРЕКО имплементирани во Нацрт Законот за јавно обвинителство

Министерството за правда денеска соопшти дека работната група ги детектирала слабостите на актуелниот Закон за јавното обвинителство, а најголем дел од нив се однесуваат на дисциплинската постапка, разрешување на јавните обвинители, поставеноста на јавнообвинтелска мрежа, надлежностите, но и значењето на принципите на хиерархија и субординација.

– Во нацртот на текстот на одредбите со кои се уредува дисциплинската одговорност на јавните обвинители, е направен напор за надминување на сите дектирани аномалии, преку користење на компаративни искуства и практики на некои европски земји кои се имаат покажано како добри решенија, како и преку имплементација на меѓународните препораки и стандарди (на ЕУ, ГРЕКО, Советот на Европа итн.), се наведува во соопштението.

Со измените се предлага покрај актуелната поделба на лесна и тешка дисциплинска повреда, воведување уште една, по својата тежина средна категорија на повреди, дополнување на листата на основи за дисциплинска одговорност на јавните обвинители и нивно степенување согласно тежината на повредата, формално подобрување на дисциплинската постапка и воведување рокови за сите нејзини фази, зајакнување на улогата на Советот на јавни обвинители на РСМ, предвидувајќи можност за иницијатива на утврдување на одговорност на јавните обвинители за сторена дисциплинска повреда, како и зголемување на репертоарот на дисциплински мерки кои може да бидат изречени за секоја категорија на дисциплинска повреда и воведување на евиденција за изречени дисциплински мерки и рокови за нивно бришење.

Во однос на дисциплинските мерки, додаваат од Министерството за правда,  е отворено прашањето дали разрешувањето на јавните обвинители треба да останe како дел од листата на дисциплински мерки или пак целосно да се издвои како посебна категорија, посебен институт. Компаративното право ги познава и двете опции.

Покрај одредбите за дисциплинска одговорност, во текот на работењето на работната група, се посочува во соопштението, се отвориле прашања и беа разгледани предлози кои се однесуваат на надлежноста, статусот и организацијата на обвинителствата.

Во периодот што следува, најавуваат од Министерството за правда, се очекува работата група да продожи со својата работа и дискусии со зголемен интензитет, каде акцентот ќе биде ставен на овие и други прашања и во соодветен период ќе изготви и достави нацрт- одредби и за друг делови/одредби од Законот.

Од формирањето на работната група, досега се одржани девет работни состаноци.. Покрај членовите на работната група, редовно биле поканети и информирани и претставници на амбасади во земјава, проекти и други релеванти организации, од кои со редовно учество и поддршка во досегашното работење може да се истакнат Проектот „Rule of Law“ и Мисијата на ОБСЕ во Скопје. 

Поврзани објави
Total
0
Share