ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе ги објави имињата на кандидатите за министри во идната Влада

На седници закажани за денеска доцна попладне, Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ треба да ги утврдат кандидатите за министри од коалицијата „Твоја Македонија“ што пред партиските тела ќе ги претстави лидерот на партијата и мандатар за состав на новата влада, Христијан Мицкоски. 

Во владата, која е реорганизирана со законски измени усвоени во Собранието, и ќе има 20 министерства, ќе учествуваат претставници на коалициите „Твоја Македонија“ и „Вреди“ и од партијата ЗНАМ.

Во изјава пред неколку дена мандатарот Мицкоски потврди дека опозиција ќе бидат коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, коалицијата „Европска иднина“ предводена од СДСМ и политичката партија Левица.

Иако во јавноста веќе се спомнуваат конкретни имиња за одредени ресори, официјални предлози за министри засега соопштија Беса, ЗНАМ и Алтернатива кои беа утврдени од нивните партиски тела.

Собранието на партијата Беса на Биљал Касами, која е дел од коалицијата „Вреди“, на состанок во четвртокот одлучи за членови во новата Влада да ги кандидира Фатмир Лимани – за министер за социјална политика, демографија и млади, Бесар Дурмиши – за министер за економија и труд и Седат Сулејмани  за заменик-министер за култура и туризам.

Централното претседателство на Алтернатива, пак, синоќа го избра Орхан Муртезани за нивни кандидат за министер за европски прашања, Лулзим Алиу за кандидат за заменик-министер за образование и наука и Сафије Садики-Шаини за заменик-министер за политички систем и односи меѓу заедниците.

Досегашниот лидер на оваа партија, Африм Гаши, е претседател на Собранието.

Од другите партнери во коалицијата „Вреди“, според изјави во медиуми, извесно е дека лидерот на Демократско движење, Изет Меџити, ќе биде прв вицепремиер и министер за екологија,  а лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари – министер за здравство.

  На седница на партискиот Централен одбор, Движењето ЗНАМ – За наша Македонија во петокот ги утврди своите кандидати со кои ќе партиципира во владата –  Игор Филков е нивниот кандидат за министер за правда, а Горан Минчев – кандидат за министер за јавна администрација.

 Од партијата на Максим Димитриевски соопштија дека преговараат и за две заменик министерски места, но ресорите не се дефинирани, а од нивните редови е еден од тројцата потпретседатели на Собранието – пратеничката Весна Бендевска.

 Прв закон усвоен по конституирањето на новиот парламентарен состав беше за реорганизација на владата (измени и дополнувања на Законот за организација и работа на органите на државната управа) донесен на 8 јуни, со што се создадоа услови за формирање на новата влада.

 Бројот на министерства се зголемува од 16 на 20 бидејќи се воведуваат нови: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини; Министерство за спорт; Министерство за дигитална трансформација и Министерство за европски прашања – кое досега беше на ниво на секретаријат.

Надлежностите/секторите на некои министерства се пренесуваат во други, така што ќе имаме Министерство за економија и труд; Министерство за социјална политика, демографија и млади; Министерство за култура и туризам.

Новата влада треба да биде формирана пред истекувањето на рокот од 20 дена кој почна да тече од  6 јуни, кога претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски му го додели мандатот за формирање на Владата.

Поврзани објави
Total
0
Share